Големиот Tiggo 8 Pro е моментален предводник на понудата на Chery на нашиот пазар – па откако поминавме малку повеќе време со големиот SUV, дали ни ги потврди првите впечатоци?
Пред само неколку седмици бевме на регионалната презентација на Chery во Белград, каде го имавме првиот контакт со целосната понуда на Chery на нашиот пазар. Сега, на домашен терен поминавме неколку дена со големиот Tiggo 8 Pro и можеме да пренесеме подетални впечатоци од големиот кинески SUV.
Да, ова е кинески SUV – но вистината е дека кинеските автомобили одамна ја надминаа стигмата за „кинески автомобили“ и веќе лесно се носат рамо до рамо со европските, јапонските и корејските конкуренти. Не ни верувате? Па токму Tiggo 8 Pro е најуверливиот доказ за тоа.
Tiggo 8 Pro е гордо позициониран на самиот врв на понудата на Chery на нашиот пазар – и големиот SUV воопшто не го крие тоа. Chery има јасни премиум амбиции од Tiggo 8 Pro – и товарот кој доаѓа со тие амбиции не е за потценување – па токму затоа очекувањата се прилично високи.
Конзервативен, но достоинствен и горд дизајн.
Првиот контакт е секако со дизајнот – и тука Tiggo 8 Prо воопшто не разочарува. Дизајнот е можеби малку конзервативен, но затоа е достоинствен и горд. Дизајнерскиот јазик на Chery се вика Movement Design, а интерпретацијата кај Tiggo 8 Pro цели кон чисти и јасни линии, со едноставни и привлечни форми и дизајнерски решенија кои и по неколку години нема да изгледаат застарени.
На предниот дел вниманието го привлекуваат едноставните предни светлосни елементи и големата предна решетка на ладилникот. Големата решетка индиректно ги нагласува димензиите на Tiggo 8 Pro – ова е голем, голем SUV.
Чистите линии продолжуваат и низ профилот на Tiggo 8 Pro. Нема непотребни детали и дизајнерите се задржале кон конвенционалната SUV форма. Сепак, бидејќи се работи за SUV кој цели кон попремиум конкуренцијата, забележуваме и фини детали – како на пример хромирани декоративни елементи околу прозорците и во долниот дел на вратите.
На задниот дел вниманието оди највеќе кон задните светла кои имаат интересна, комплексна и нагласено-тродимензионална графика. Во долниот дел од браникот е поставен заштитен панел во кој се поставени и декоративните хромирани завршетоци од издувниот систем.
Сè на сè – Tiggo 8 Pro изгледа ненаметливо но гордо. Резервираноста на дизајнерите резултира со дизајн кој е чист и привлечен, без прибегнување кон „евтини финти“ и непотребни детали.
Комфорна, просторна и практична кабина која цели кон премиум сегментот
Одиме внатре! Кабината на Tiggo 8 Pro е вистинско изненадување. Уште на „прво влегување“ се забележува дека инженерите на Chery посветиле многу внимание на ситните детали – па скоро сè што ќе допрете е израоботено од фина и мека пластика или обвиено во квалитетни материјали.
Секако, први се забележуваат седиштата кои се исклучително меки и комфорни. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, а прилагодливите „перничиња“ на наслоните за глава се одличен и супер-практичен додаток. Всушност, зошто сите возила немаат нешто вакво?
Возачкото и совозачкото седиште се нагодуваат во мал милион насоки и доаѓаат со системи за загревање и вентилација. Задните седишта се поместуваат нанапред и наназад, а прилагодлив е и наслонот. На задните седишта има навистина многу простор – како во луксузна лимузина, а дури и во третиот ред седишта ќе се сместат патници. Реално, третиот ред е наменет за деца и на возрасни патници не би им било најкомфорно на светот, но има практични детали – на пример, дури и патниците на третиот ред ќе добијат свои контроли за вентилацијата, како и свои држачи за чаши. Ситници, но практични!
Инаку, лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција – како што рековме, возачкото седиште се нагодува во сите насоки, а управувачот се прилагодува по височина и длабочина. Контролите се прилично јасни и лесни за користење а во кабината забележуваме тренд кон дигитализација.
Пред возачот се поставени дигитални инструменти, на централната конзола е поставен еден екран за мултимедијалниот уред и приказот од камерите, додека под него има уште еден наменет за контролите за клима уредот.
Се забележува разлика во квалитетот на панелот во сите екрани – но тоа и не е некоја преголема забелешка. Од друга страна, централниот уред е навистина брз и респонзивен, со вградена Android Auto и Apple Carplay интеграција. Мултимедијалниот уред препознава и гласовни команди кои – верувале или не – работат! Секако, тука се и другите практични елементи – безжичниот полнач за мобилен телефон, многуте места за одлагање дребулии, итн, итн.
Кога сме кај „одлагањето дребулии“ – во зависност од распоредот на седиштата можете да очекувате багажен простор со капацитет од 205 литри (со исправен трет ред седишта), па потоа со 1179 литри (со преклопен трет ред седишта) па сè до пештерски 2100 литри со преклопен втор ред седишта.
Tiggo 8 Pro е комфорен SUV
Какво е искуството зад управувачот? Неизбежна е вистината дека Tiggo 8 Pro е голем автомобил – но за среќа, тука се системите за асистенција и многуте камери и сензори кои го олеснуваат маневрирањето низ тесните улички и паркинг места.
Управувањето е лесно и прецизно, но SUV-овски изолирано. Суспензијата успева без поголем проблем да ги филтрира несовршеностите од нашите улици и само остри нерамнини се пренесуваат во кабината. Секако, суспензијата е несомнено ориентирана кон комфор – како што и треба да биде – но и покрај тоа успева да го одржи Tiggo 8 Pro стабилен и кога се „бркаат свиоци“.
Инаку, големиот SUV лесно се движи во градскиот сообраќај и во ниту еден момент не му „снемува“ сила. На отворено при легални автопатски брзини во кабината е прилично тивко, но при повисоки брзини забележуваме нијанса повеќе бучавост од големите странични ретровизори и од пневматиците. Ќе ги пофалиме системите за безбедност и асистенција – адаптивниот темпомат, системот за следење коловозна лента и сличните си работат без воопшто да ги забележите.
Само една погонска опција – моќен турбо-бензинец!
Задолжен за за задвижување на Tiggo 8 Pro е 1.6-литарски турбо-бензинец со директно вбризгување кој испорачува 186 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 275 Nm вртежен момент од 2000 до 4400 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка, а резултат на сето тоа е забрзување до 100 километри на час за 9.1 секунда како и максимална брзина од 200 километри на час.
Немаме особена забелешка ниту околу потрошувачката – изминавме неколку стотици километри и евидентиравме просечна потрошувачка од рамно 10 литри на 100 изминати километри. Сосем респектабилно со оглед на димензиите и перформансите.
Кога пробивањето на пазарот се прави со уверливи модели, тогаш работата е полесна.
И сега ајде да одговориме на прашањето кое го поставивме на почетокот – дали Tiggo 8 Pro ги потврди првичните впечатоци? Апсолутно! Големиот SUV е нов и сериозен натпреварувач и одлично игра на картата вложено-добиено. Привлечниот дизајн, моќниот мотор и екстензивната листа на опрема се силни адути, а кога на тоа ќе се додаде и 5-годишната гаранција, тогаш работите стануваат уште поинтересни. Секако, пробивањето на нов бренд на пазарот е секогаш тешка работа – но кога пробивањето се прави со толку уверлив модел како Tiggo 8 Pro, тогаш задачата е значително полесна.
Спецификации
Модел: | Chery Tiggo 8 Pro |
Мотор: | 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри во линија |
Моќност: | 186 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 275 Nm / 2000-4400 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 7 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 9.1 секунда |
Максимална Брзина: | 200 километри на час |
Должина: | 4722 mm |
Ширина: | 1860 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1745 mm |
Тежина: | 1587 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2710 mm |
Багажен Простор: | 205 – 1179 – 2100 литри |
Потрошувачка: | 10 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на тестираниот модел: | Chery Tiggo 8 Pro – 36.990 Евра |
Повеќе Информации: | Гранд Ауто – (02) 3073 103 |
ИЗВОР: https://www.carclub.mk/2023/11/07/test-chery-tiggo-8-pro-nov-i-seriozen-i-golem-natprevaruvac/